Министерството за информатичко општество и администрација, денеска отвори панел дискусија за подготовка на Национален оперативен план за развој на брзи и супер брзи електронски комуникациски мрежи во Република Македонија.
Министерот Дамјан Манчевски, се осврна на важноста од подготовка и реализација на оперативен план што ќе придонесе за развој на бродбенд мрежи.
„Бродбенд мрежите можат да испорачаат телекомуникациски услуги, медиумски услуги, е-Владини услуги, виртуелни библиотеки, ’паметни’ градови, енергетски мрежи, поврзани возила, и многу повеќе. Бродбендот станува есенцијален елемент за локалните самоуправи во привлекувањето на бизниси, овозможува отворање на нови работни места и значително го подобрува квалитетот на живеење“, информираше министерот.
Министерот Манчевски се осврна и на тоа каде се наоѓа Македонија, на ниво на Европа во однос на развојот на бродбенд мрежите.
Според последните податоци од ITU и Светска Банка, Македонија во однос на земјите членки од ЕУ сериозно заостануваат и во инвестициите и во користењето на брз и супер брз бродбенд пристап. Само 30,28% од домаќинствата во Македонија имаат покриеност со следна генерација на брзи пристапни мрежи. Тој процент во Европската Унија изнесува 76%.
Министерот Манчевски, апелираше дека Македонија не смее да дозволи бродбенд јазот кој постои во однос на останатите земји да продолжи да се зголемува. Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ и има обврска да го прилагоди своето национално законодавство и политиките од областа на ICT со оние на ЕУ.
„За да се подготви Националниот оперативен план, ќе треба прво детално да се утврди состојбата на терен т.е да се мапира и анализира целата територија на државата и да се дефинираат областите каде не постојат брзи и супер брзи комуникациски мрежи или нема идни планови на операторите за инвестиции во вакви мрежа“, потенцираше министерот Манчевски. Тој со цел поголема транспарентност и инклузивност во процесот ги повика општините, Агенцијата за електронски комуникации, Агенцијата за катастар, операторите и останатите заинтересирани институции да дадат поддршка и помош со цел поуспешно и побрзо завршување на фазата мапирање.
Исто така, министерот Манчевски најави формирање на работни групи и ги повика сите заинтересирани да се вклучат во подготовка на оперативен план за развој на брзи и супер брзи електронски комуникациски мрежи во Република Македонија.