Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, како претседател на Почесниот одбор на МАКО СИГРE, денеска го отвори 10-тото Советување на МАКО СИГРЕ 2017.
„Во ова динамично време во коешто живееме размената на информации и знаења меѓу инженерите и експертите од областа на електроенергетиката на меѓународно ниво е од особено значење, па затоа тоа што МАКО СИГРЕ го нуди во овој дел претставува единствена можност за компаниите од Македонија“, истакна министерот Манчевски.
Министерот Манчевски, се осврна и на заложбите на Владата на Република Македонија за што поголемо производство на електрична енергија во државата, со што ќе се намали увозот.
„Една од стратешките определби на Владата се чист воздух и чиста вода. Во Македонија ќе помогнеме и ќе инвестираме во обновливи извори на енергија, со што ќе се намали загадувањето, особено во градовите“, посочи министерот Манчевски.
Советувањето ја продолжува традицијата и оваа година ќе ги обработува актуелните теми поврзани со електроенергетскиот систем, а воедно ќе цели да овозможи размена на знаење и стекнати искуства помеѓу академската заедница, индустријата и сите чинители во електроенергетскиот сектор.
Програмата ќе опфаќа сесии на студиските комитети, технички презентации и предавања од истакнати инженери и научници, а секако ќе продолжи и традицијата на поттикнување на младите членови на МАКО СИГРЕ – студентите, да учествуваат со свои трудови на ова советување.