Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот на надворешни работи, Никола Димитров и министерот за дијаспора, Едмонд Адеми беше почесен говорник на универзитетот Колумбија, каде што во организација на УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка, имаше обраќање на тема “Свеж старт на Балканот: Демократско обновување и еколошко обновување на линија на Одржливи Развојни Цели.“
„Можни се одржливи решенија за прашањата и областите важни за граѓаните. Ние научивме многу од политичката криза, од којашто излеговме помудри, дека само заедно, со вклучување на сите во општеството, секој да биде дел од решението и со трпение, може да се постигне посакуваната цел. Денес Македонија е повторно демократија, исправена на патот на ЕУ и НАТО, каде што припаѓа. Новата Влада ја отвори Република Македонија во земја на можности за сите, за граѓаните, цивилното општество и граѓанскиот сектор, политичките партии, за заедно да ги постигнеме стратешките цели, економски развој и евро-атлантски перспективи. За таа цел ги отворивме вратите и на интензивна соработка со соседите и со земјите пријатели на Македонија од ЕУ и НАТО и нашите очекувања се дека овие зацртаните цели се остврарливи. Благодариме на УНДП, на САД, на Швајцарската агенција за развој и соработка и на сите кои ги помагаат принципиелно демократските процеси во Република Македонија“, рече премиерот Заев на обраќањето пред студенти на универзитетот Колумбија, овде во Њујорк.
„Презедовте реформи за нови работни места, за социјална кохезија, за реформи во правосудството, за заштита на животната средина, за прашања важни за квалитетот на живот на граѓаните во вашата земја. УНДП тоа го почитува и ќе продолжиме да ве поддржуваме на патот кон напредок и евро-атлантска иднина“ е пораката од преставниците на УНДП на настанот, кои ги поздравија реформските, отворени и транспарентни политики на премиерот Заев и на новата Влада.
На настанот присуствуваа и говореа директори од универзитетот Колумбија и од УНДП во САД и претставници за Македонија, како и студенти кои покажаа познавање за напредокот на Македонија на политички план и се интересираа за повеќе прашања околу политиките на новата Влада во насока на интеграциите и развојот на нашата држава.
Премиерот Заев, владината делегација и присутните на универзитетот Колумбија го проследија и документарниот филм “Езеро на јаболки“, направен со поддршка на УНДП, којшто се однесува на заштитата на Преспанското езеро, како и на заштита на природните богатства како дел од Одржливите Развојни Цели.
Со присуството на универзитетот Колумбија премиерот Зоран Заев и владината делегација ја заокружија официјалната посета за 72. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, каде што премиерот Заев имаше обраќање, учествуваше на повеќе тематски панели, оствари бројни средби со светски лидери на највисоко политичко ниво, средби со дијаспората, со претставници на големи светски компании и бизнисмени, даде интервјуа за домашни и странски медиуми и со позитивната енергија и визијата за развој на Република Македонија и пошироко на меѓународен план, го сврте вниманието на светот кон нашата држава, како земја на развојот.