Продолжува соработката меѓу МОН и Mировниот корпус

Министерката за образование и наука проф. д-р Рената Дескоска, денеска оствари работна средба со претставници на Мировниот корпус, предводена од директорот г. Марк Ханафин.

На средбата стана збор за унапредување на соработката помеѓу Министерството за образование и наука и Мировниот корпус, а особен акцент се стави на Проектот за унапредување на наставата по англиски јазик. Проектот има за цел да го подобри квалитетот на предавањето во училиштата, да се зголеми успехот на учениците во учењето англиски јазик и да се подобри училишната заедница.

Во проектот се вклучени голем број на волонтери кои работат во 34 основни и средни училишта од руралните и маргинализираните заедници, а дел од нивните активности насочени кон подобрување на квалитетот на предававањето и успехот на учениците, вклучуваат заедничко предавање со наставниците по англиски јазик, воведување на нови методи кои го ставаат ученикот во фокусот на часот, поддршка на наставниците за развивање на методологија за работа со ученици со посебни потреби, како и голем број на други активности.

За време на средбата, министерката Дескоска ги запозна претставниците на Американскиот мировен корпус со преземените активности во поглед на подобрување на воспитно – образованиот систем во Република Македонија, како и плановите за реформи во делот на основното и средното образование кои имаат за цел да го подобрат наставниот процес и севкупниот успех и знаење на учениците. На средбата беше истакната досегашната успешна соработка меѓу двете страни и беше искажана взаемна желба за подобрување и унапредување на соработката, а меѓу другото беше постигнат договор за реализација на нови проекти.