Премиерот Зоран Заев, придружуван од директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Дарио Николовски, во својот кабинет во работна посета денеска прими бизнис делегација од меѓународната компанија YIDA Construction.
Претставниците на компанијата на средбата ги изложија своите планови за инвестирање во неколку сегменти во Република Македонија. Тие понудија концепт за инвестирање во доменот на социјалното домување, идеи за инвестирање во болнички капацитети и медицински високообразовни институции, како и концепт за инвестирање во капацитети за обновливи извори на енергија.
Премиерот Заев ги поздрави нивните напори да ги истражат потребите на македонското општество и своите намери за инвестирање да ги стават во конкретни сегменти од кои Македонија има голема потреба и интерес за развој, и додаде дека Владата ќе работи на создавање на услови за непречено инвестирање во овие области.
„Нашата земја е отворена за секоја можност за инвестирање и за развој на нашето општество. Ова е само првиот чекор и се надевам дека ќе наидеме на поголем интерес кај инвеститорите за инвестиции во оваа насока, исто како и во областа на електрониката и роботиката“ – рече премиерот Заев во текот на средбата.
Премиерот ги охрабри потенцијалните инвеститори да продолжат со развој на своите идеи и предлози и да останат во контакт со сите релевантни институции во земјата до остварувањето на следните конкретни чекори кон реализација на нивните предлози.