Се одбележуваат 70 години академска настава на руски јазик во Македонија

Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје од денеска, со тридневна тридневна меѓународна конференција одбележува 70 години од почетокот на наставата по руски јазик. Настанот го организира Рускиот центар, кој од минатата година е во составот на Универзитетот . Учесниците на конференцијата и присутните претставници и гости од Руската Федерација ги поздрави заменик-министерот за култура на Република Македонија, Владимир Лазовски кој истакна дека Министерството се залага за понатамошно негување и унапредување на, како што рече, нашата традиционално одлична културна соработка.

Конференцијата на тема „Рускиот јазик, литература и култура во Република Македонија: минато, сегашност и иднина“ ја отвори Ректорот на Скопскиот универзитет, Никола Јанкуловски , кој говореше за самите почетоци, кога во учебната 1946/47 година на тогаш новооснованиот Филозофски факултет почнал да работи Лекторатот по руски јазик за потребите на славистичките и на другите групи. Подоцна, рече Јанкуловски, тој бил никулец од кој се формирала Катедрата за славистика.

Директорот на Рускиот центар, Велимир Стојковски додаде дека следни важни датуми во таа историја се 1965 – кога Универзитетот го добил првиот лектор од матичната земја, тогаш СССР, и 2016 – кога на УКИМ се отвори Рускиот центар со поддршка на Фондацијата „Руски мир“ и Амбасадата на Руската Федерација во Македонија.