ОО на СДСМ Дебрца испрати реакција во врска со прес-конференцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Дебрца. Во неа стои:
„Трајкоски и неговите советници очигледно исплашени од очекуваниот пораз на изборите на 15 Октомври воопшто не знаат каде тераат. Врв на лицемерие е нивното денешно тврдење дека општината била отворена и услужна за граѓаните.
Сведоци сме дека во изминативе 4 години општина Дебрца се претвори во најзатворена и заробена институција, во која граѓаните имаа отежнат пристап до општинските услуги и истите ги добиваа на неквалитетен и неекономичен начин.
Така, беа воведени административни и физички бариери за да се дојде до градоначалникот и општинската администрација, граѓаните не можеа или тешко остваруваа прием кај градоначалникот, за добивање на најобична потврда беа приморани да доаѓаат повеќе пати и да се надеваат дека ќе го најдат градоначалникот, или ако поднесуваа поднесок во архивата истиот не им се примаше ако претходно не го види и одобри градоначалникот.
Освен добивањето на одобрение за градење, ниту една друга општинска услуга не можеше да се добие електронски, на општинскиот веб портал не е објавено кои услуги ги обезбедува општината, ниту има објавено обрасци за општинските услуги.
Кон сето ова треба да се додаде и тоа дека од сите можни агли во општинската зграда вработените и странките се под темелен видео-надзор, кој градоначалникот на општината будно го следи од неговиот телефон, исто како да сте во американскиот Пентагон.
Врв на паранојата е тоа кога не беа присутни општинските функционери вратите од кабинетот на градоначалникот, канцеларијата на секретарот на општината и салата за седниците на советот на општината, односно повеќе од половината од службените простории во општината беа заклучени и не беа во служба на граѓаните.
Граѓаните на Дебрца тоа добро го знаат и на 15 Октомври за тоа ќе му ја испорачаат сметката на Трајкоски.
По изборите, со новата локална власт Општина Дебрца ќе биде транспарентна, отчетна, правична, услужна и отворена – општина на сите граѓани.
Зоран Ногачески, кандидат за Градоначалник на општина Дебрца од Коалицијата „Живот во Македонија за сите”, предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.“- стои во соопштението.