Денеска во Министерството за одбрана, министерката Радмила Шекеринска го прими Павел Анастасов од Дивизијата за политички работи и безбедност во НАТО, кој ќе биде координатор на соработката со Македонија за воведување на програмата на НАТО за унапредување на образованието во одбраната.
Министерката Шекеринска изрази задоволство од позитивниот одговор на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и можноста Македонија да се вклучи во оваа програма, која е од големо значење за унапредување образовниот процес во Воената Академија и ќе биде од голема корист за студентите. Се работи за амбициозна програма а фокусот е да се унапредат капацитетите на Воената Академија и да се добие проценка за специјалното знаење кое Академијата може да го понуди не само на своите студенти туку преку различни тренинзи и на професионалците во одбраната – рече Шекеринска.
Анастасов рече дека НАТО ја нуди оваа соработка во доменот на образованието во одбраната на партнери кои ги цени. Програмата ќе понуди унапредување на курикулумот, односно материјалот кој с е предава на Воената Академија, и нова методологија која ќе обезбеди напредно учење, со најдобрите практики кои се изучуваат во земјите членки на НАТО.
Воведувањето на Програмата на НАТО за унапредување на образованието во одбраната ќе започне на крајот од месецов, а во 2018 ќе биде готова и ќе се имплементира Стратегијата за соработка.