На затворањето на 38-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во саботата во Битола, министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски му ја врачи Специјалната „Златната Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност на режисерот Милчо Манчевски.
Министерот Алаѓозовски истакна дека му ја предава оваа награда на Манчевски од сè срце, бидејќи неговите филмски истражувања и критики кои ги пишувал порано, во голем дел биле посветени токму на творештвото на овој режисер.
Милчо Манчевски се заблагодари за наградата и му посака побрзо закрепнување на директорот на фестивалот Блоагоја Куновски – Доре, кој по отворањето на фестивалот од здравствени причини се повлече. Манчевски апелираше културата да го добие соодветниот третман во општеството. „Култура не е нешто што треба да се стави меѓу некролозите и малите огласи, културата е она што човекот го прави човек, заедницата ја прави да биде заедница и конечно културата е она што човештвото го прави човештво. Затоа апелирам да не ја туркаме меѓу некролозите и малите огласи“, рече Манчевски.
На затворањето на „Браќа Манаки“, министерот Алаѓозовски изрази благодарност до сите учесници на фестивалот, до филмските работници кои пред речиси 40 години создадоа бренд кој уште зрачи со единственост помеѓу безбројните филмски фестивали ширум светот. Тој ја изрази поддршката на Министерството насочена кон подобра и постабилна иднина и развој на фестивалот, во духот на современите трендови во уметноста.
„Тоа го демонстриравме и неодамна, кога помогнавме да се исправи една неправда и тој да се врати во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија, што го организира над 3 децении. Решени сме да ја антиципираме иднината свртени кон квалитетот во создавањето, но истовремено горди на нашата традиција и на свежината на искуството од таа традиција. Тоа е скапоцено, благородно, и навистина многу ретко, и затоа сите ние треба достојно да го претставуваме и надградуваме“, истакна Алаѓозовски.
Златната камера 300 му припадна на Унгарецот Марсел Рев, кинематограферот кој го сними филмот „Месечината на Јупитер“, интригантна сторија за односот кон бегалците. Сребрената Камера 300 во тесна конкуренција за првата награда ја доби Рајнер Клаусман за филмот „Од ништо“, во режија на Фатих Акин. Бронзената камера 300 му припадна на македонскиот кинематографер Дејан Димески за босанскиот филм „Жаба“ во режија на Емир Јукиќ, во кој Македонија е малцински копродуцент. Малата камера 300 му припадна на кинематограферот Наум Доксевски, а специјално признание доби младиот руски кинематографер Данил Фомичев.