Во врска со вчерашниот случај на физичка пресметка помеѓу повеќе лица, кој се случи на ул. Гвадалахара во населбата Шуто оризари во Скопје, Министерството за внатрешни работи информира дека веднаш по добиената пријава за нарушување на јавниот ред и мир, превземени се мерки за расчистување на кривично-правниот настан, рече на денешната прес конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
„Идентификувани се и повикани на разговор девет лица кои учествувале во тепачката и во постапка е прибирањето докази за понатамошно постапување“, соопшти Ангеловски.
Министерството за внатрешни работи најостро ги осудува сите облици на насилство, а особено во текот на изборната кампања.
„Потенцираме дека ниту еден инцидент нема да се толерира. Секаков обид за нарушување на демократскиот изборен процес и загрозување на безбедноста на граѓаните ќе биде соодветно санкциониран“, рече Ангеловски.