Честитка од министерката Дескоска по повод Меѓународниот ден на наставниците:
„Почитувани наставници,
Дозволете да Ви го честитам 5 октомври – меѓународниот ден на наставниците.
Вие сте суштинската алка во воспитно образовниот процес и создавањето на успешни идни генерации, кои ќе продолжат да ја водат државата на патот кон развојот и севкупниот општествено-економски просперитет.
Тимот на Министерството за образование и наука и лично јас како министерка за образование и наука, сме свесни за важноста на просветителската професија. Токму заради тоа, започнавме процес на промени кои ќе значат подобрување на општествениот статус и достоинство на луѓето кои одбрале да бидат наставници. Промените кои ќе водат кон подобро и поквалитетно образование, ќе бидат создавани и имплементирани во соработка со Вас.
Викендот зад нас, Вашите колеги учествуваа во првата од низа работилници наменети за измени и дополнувања на Законите за основно и средно образование. До сега дадените предлози и забелешки, како и сите кои подоцна ќе пристигнат, ќе бидат сериозно разгледани и вклучени во законските решенија.
Нашите ученици заслужуваат квалитетно образование, а нашата земја заслужува успешна иднина. Затоа, се надеваме дека блиската соработка со Вас ќе продолжи и во иднина, за заедно, тимски, да ја оствариме благородната мисија за образување на младите.
Сакам да искажам неизмерна благодарност до сите просветни работници за сета лична заложба, изразена креативност, жртва и посветеност кон создавањето на нови генерации кои ќе ја градат иднината на оваа држава.
Нека е честит 5 октомври, Меѓународниот ден на наставниците!“– стои во честитката.