Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се обрати на свеченоста по повод празникот Ден на народното востание – 11 Октомври, што се одржа во дворот, на владата, пред споменикот на ослободителите на град Скопје.
Во организација на Владата на РМ, во соработка со Сојузот на борците на Република Македонија, пред споменикот на паднатите борци, венци со свежо цвеќе положија делегации на Сојузот на борците на Република Македонија, на Владата на РМ, предводена премиерот Зоран Заев во придружба на Претседателката на одборот за одбележување на празникот Ден на народното востание – 11 Октомври, министерката Мила Царовска, и на министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, делегација на Собранието на РМ, делегација на АРМ и на Министерството за одбрана, делегации на дипломатскиот кор во Република Македонија, и на други организации и институции.
Во своето обраќање пред приситните гости, Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, рече дека „историјата и историчарите ги имаат фактите“, и истакна:
„Дозволете денес да ги споделам со вас, моите лични впечатоци за храбрите, слободољубиви државотворци, кои тоа утро, на 11 октомври 1941 година, не само во Прилеп и Куманово, туку низ цела Македонија, се кренаа на крилјата на идејата, на мислата, на стремежот, Македонија да ја направат дом на слободата, победник над фашистичкото зло, и, со тоа да станат дел од светскиот победнички сојуз на државите што се кренааа против фашистичката закана, да изградат од новата држава светилиште на слободата и да ги положат и нивните животи на пиедесталот на новата држава, Сега е време, после сите последни премрежија и искушенија, да направиме од нашата држава дом за сите. Сите наши деца да ја видат како своја сопствена дестинација. Должни сме да им дадеме доволно причини да си го видат своето, сопствено место во домот Република Македонија“ – нагласи премиерот Заев.
Премиерот Заев подвлече дека „празнувањето на значајните датуми и празници од нашата историја, не треба да бидат само формалност и протокол.
„Кога би биле сведени само на тоа, таквото одбележување би било неправда и навреда за татковците и мајките на нашата државност. Празниците се добри моменти кога секоја генерација што ги слави и прославува треба да се запраша: Како да го зачуваме она што го наследивме и како од Македонија да направиме подобра држава, поубаво место за живеење? Како да направиме чекор повеќе во освојувањето на слободата за сите наши граѓани?“ – истакна премиерот Заев во својот говор.
Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, порача дека „сега е време да им докажеме на последните скептици дека Република Македонија како дом на слободата на сите нејзини граѓани, е новата ѕвезда во европското соѕвездие.“
„Затоа мораме да продолжиме, одлучно и храбро, и да исчекориме во решавање на оваа фаза од нашата историја – побогато општество и повеќе можности за сите, членството во НАТО, а потоа и членството во Европската Унија “– нагласи премиерот Заев.
На свеченоста пред споменикот на ослободителите на Скопје, во кругот на владата, свое обраќање имаа и претставникот на Сојузот на борците на Република Македонија, д-р Никола Стојановски, и претставникот на Генералштабот на АРМ, заменикот на началникот на генералштабот, генерал-мајор Мухамед Рацај.
Д-р Никола Стојановски во своето обраќање истакна дека во пресудните моменти на Втората светска војна, Македонија застана на страната на антифашистичкиот сојуз, и дека во тие драматични историски мигови борците на народноослободителното движење го крунисаа својот подвиг со прогласување на државноста на Македонија на АСНОМ.
„Борците од Македонија секогаш ќе бидат на страната на заложбите за демократско општество, за општество на благосостојба за сите граѓани, а „11 Октомври“ е светилник за изградба на просперитетна Македонија“ – истакна во своето обраќање д-р Стојановски.
Во името на АРМ, и во име на Министерството за одбрана, Заменик началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Мухамед Рацај, нагласи дека припадниците на АРМ денеска се горди на хероите на антифашистичката борба и на народноослободителното движење во Македонија, кои ја испишаа најсветлата страница во историјата на Република Македонија.
„Инспирирани од НОБ, АРМ и денеска е дел од светската коалиција за борба против заканите по демократијата и слободата во светот.Во исто време, заедно со другите во државата,ја биеме битката за европска Македонија и за нејзино заслужено место во НАТО“ – истакна генерал-мајор Рацај.
Свеченоста по повод празникот „Ден на востанието на Македонија – 11 Октомври“, пред споменикот на ослободителите на Скопје, во кругот на Владата на Република Македонија, продолжи со пригодни содржини.