Полициски тим од четири полициски службеници, претпладнево успешно интервенираше во спречување на лице од Охрид кое сакало да скокне од петтиот спрат на зграда во Охрид.
Акцијата траеше околу еден час, во зграда во изградба на пресекот на булеварот „Туристичка“ и улицата „Абас Емин“ во Охрид, каде во 10 часот и 55 минути , од жител на Охрид е забележано женско лице и пријавен е обид за самоубиство. По добивањето на информацијата, извршено е обезбедување на подрачјето околу зградата и преземени се мерки за спречување на лицето во обидот за самоубиство. Акцијата започна најнапред со иницирање разговори на двајца полициски службеници со лицето кое беше на петтиот спрат и истовремено, внимателно пристапување на други двајца полициски службеници до местото односно до ивицата на петтиот кат каде немаше заштитни огради. Тие, проценувајќи погоден момент, мошне брзо го совладаа растојанието до жената и енергично ја повлекоа и ја оттргнаа од местоположбата односно од ивицата на неоградената тераса на петтиот кат. Се работи за жена на возраст од 41 година која потоа е безбедно спуштена на приземјето од зградата и е предадена на екипа на Итната медицинска помош од Охрид.
За настанот, пред почетокот на акцијата, известен е Јавниот обвинител кој беше запознат со намерите на полициските службеници како и со исходот од преземените мерки.