Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со заменик министерот за надворешни работи на Народна Република Кина, г. Ванг Чао.
Двајцата соговорници го поздравија интензивирањето на политичкиот дијалог и зголемената динамика на средби на високо ниво, како и позитивниот развој на севкупната билатерална соработка меѓу Република Македонија и НР Кина.
„Јакнењето и унапредувањето на искреното партнерство со Кина е трајна определба на нашата надворешна политика”, истакна претседателот Иванов изразувајќи особено задоволство од процесот на соработка меѓу Кина и земјите на Централноисточна Европа 16+1 и конкретните иницијативи и активности кои произлегуваат од овој процес.
Македонскиот претседател искажа поддршка за глобалниот кинески проект „Патот на свилата” и иницијативата „Еден појас, еден пат”, посочувајќи дека оваа иницијатива отвора сериозни перспективи за нови трговски патишта и зголемени инвестиции, како и нова димензија во односите и економската соработка со НР Кина. Во таа насока, претседателот Иванов го реафирмираше интересот за натамошно вклучување на Република Македонија во инфраструктурните проекти кои произлегуваат од овој процес.
Заменик министерот за надворешни работи ја пренесе поканата од кинескиот претседател г. Си Џипинг, за посета на претседателот Иванов на Народна Република Кина по повод 25 годишнината од воспоставување на дипломатските односи меѓу двете земји.
На средбата со заменик министерот за надворешни работи, г. Ванг Чао, македонскиот претседател се заблагодари за севкупната техничката помош од Кина за проекти од различни области, и го поздрави потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу Кина и земјите на Централноисточна Европа за формирање на Координативен центар за културна соработка со седиште во Република Македонија.