Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев синоќа се сретна со премиерот на Република Албанија, кој е во Скопје за Самит 100.
Албанскиот премиер Рама му честиташе на премиерот Заев за фер и демократски спроведените локални избори.
„Резултатите од изборите се ветар во грб за демократската агенда, како и поддршка на реформските политики што отвораат перспективи. Тие се победа на концептот едно општество за сите, што ги обедини граѓаните. Ќе направиме сè што треба за да ја оправдаме довербата и да обезбедиме квалитетен живот за сите граѓани во Македонија“, рече премиерот Заев.
Двајцата премиери, Заев и Рама, констатираа дека Република Македонија и Република Албанија имаат одлични политички односи, без отворени прашања и дека е тоа добра основа за интензивирање на соработката во насока на примена на европските стандарди, економска соработка, како и обезбедување услови за евро-атлантски интеграции на целиот регион.
„Владата на Македонија ќе продолжи да ги развива добрососедските односи низ пријателски дух со што и натаму ќе придонесува за регионалниот развој како и со цел отворање на НАТО и ЕУ перспективите, кои се стратешки цели на државата“, рече премиерот Заев.
На средбата разгледани се можности за унапредување на економската и трговската соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија.
Посочено е дека заедничкото учество на Самит100 во Скопје е доказ за политичката волја за развој на регионалната економска соработка, за поврзување на бизнис заедниците, заеднички инвестиции, вмрежување, транспортно поврзување.
Изразено е очекување дека ЕУ ќе ги препознае и поддржи заложбите на државите од регионот за продлабочување на потребната регионална соработка и за интеграциите во ЕУ, но и за потребите на самите граѓани од регионот.
Исто така, на вечерашната средба договорено е да се интензивираат активностите за заедничка седница на владите на Република Македонија и на Република Албанија, во најскоро време.