Три лица приведени за недозволена трговија со дрога

Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за недозволена трговија – Одделение за недозволена трговија со дрога, врз основа на судска наредба, изврши претрес во дом и други простории на три лица од Скопје. Претреси се извршени во домовите на лицата М.М.А. (23), С.Р. (23) и Д.И. (29), по претходно добиени оперативни сознанија за инволвираност во недозволена трговија со наркотична дрога.

При претресот кај лицето М.М.А. биле пронајдени и со потврда одземени една најлонска кеса со непозната растителна материја, една целофанска кесичка со остатоци од непозната растителна материја, една тегла во која имало 12 кесички со непозната растителна материја, една тегла со непозната растителна материја и една дигитална вага со остатоци од непозната материја. По наредба од Основното јавно обвинителство во Скопје, одземените предмети биле предадени на вештачење со кое било утврдено дека пронајдениот растителен материјал со вкупна маса од 80,13 грама претставува марихуана, додека на дигиталната вага имало остатоци од марихуана. Со лицето М.М.А. бил извршен разговор, при што тој го појаснил начинот на купопродажба на дрогата.

При претресот кај лицето С.Р. (23) била пронајдена една стаклена тегла со непозната растителна материја. Со потврда за привремено одземени предмети, теглата била одземена. Кај лицето Д.И., исто така, била пронајдена една тегла со една кеса со непозната растителна материја, како и еден отпушок од цигара со непозната растителна материја. И овие две лица биле лишени од слобода и со нив бил извршен разговор во кој делумно го појасниле начинот на извршување на кривичното дело.