Перински: На граѓаните мора да им се дозволи да го кажат мислењето за штетниот договор со Бугарија

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Златко Перински, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Граѓаните мора да се изјаснат за штетниот договор со Бугарија. На граѓаните мора да им се дозволи да го кажат мислењето за овој штетен договор.

Социјалдемократскиот сојуз работи и делува на штета на државните интереси. Владата на Социјалдемократскиот сојуз склучи договор за добрососедство и пријателство со Република Бугарија, кој во повеќе точки е штетен за Република Македонија и ги понижува нашите сограѓани.

Граѓаните на Република Македонија се чувствуваат како оштетена страна на договорот, бидејќи Република Македонија е страната која трпи голем број на отстапки и обврски, без притоа да има отстапки на бугарска страна, водени од интересот на граѓаните и нивните барања ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе до Собранието на Република Македонија предлог за организирање на референдум, на кој граѓаните на Република Македонија ќе се изјаснат за Договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија.

Ваквата одлука се должи на ставот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој смета дека истиот е донесен во нетранспарентна постапка, далеку од очите на јавноста, и со тоа Социјалдемократскиот сојуз им го одзема правото на граѓаните да бидат запознаени каков договор склучува нивната влада, од кој истите тие ќе имаат обврска.

Социјалдемократскиот сојуз целосно нетранспарентно и набрзина го протурка договорот без да и овозможи на стручната и општата јавност неопходна дебата по однос на истиот, со што македонските граѓани беа ставени во подредена положба во однос на граѓаните на Република Бугарија, чија јавност и стручна фела беа запознаени со содржината на истиот.

Социјалдемократскиот сојуз им го ускрати правото на дебата на граѓаните и токму заради тоа граѓаните мора да добијат шанса да кажат што мислат по однос на истиот.

Токму заради тоа ВМРО-ДПМНЕ смета дека пред изјаснувањето за овој договор од страна на пратениците, правилно е да се слушне мислењето на граѓаните.

Правото на референдум е неприкосновено и не смее да биде ускратено од страна на Социјалдемократскиот сојуз, бидејќи со овој договор се креира правна пракса, која ги надминува домашните правни норми и има важност на меѓународен договор, кој тешко се менува и предизвикува последици за идните генерации.

ВМРО-ДПМНЕ е за добрососедство и соработка со Република Бугарија, со став дека односите помеѓу двете држави треба да се градат врз основа на заемно почитување, а не врз база на отстапки и штетни последици за само едната страна.

Имено ВМРО-ДПМНЕ, има сериозни забелешки на неколку членови од договорот, а најконкретно во деловите со кои декларирајќи постоење на заедничка историја се предвидува и создавање на државна комисија која ќе ги дискутира промените на учебниците по историја во Македонија. За ВМРО-ДПМНЕ неприфатливо е откажувањето од македонското малцинство во Бугарија, а непотребно е повторно прифаќање на именувањето на нашиот македонски јазик, како јазик од Уставот на Македонија, дефиниција која не постои во ниту еден друг договор со Република Македонија и Република Бугарија и со било која земја во светот, очигледна е намерата преку оваа формулација да се протне на мала врата непризнавањето на македонскиот јазик.

Ова се одредбите во овој договор, кои се на очигледна штета на нашиот народ и држава и сметаме дека по најдемократски пат, треба да биде организиран референдум, на кој граѓаните ќе може да се изјаснат, што мислат по однос на истиот.