Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за недозволена трговија, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против лицето З.Г. (57) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека сторил две кривични дела „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“, предвидени и казниви по член 396 и член 278-б од Кривичниот Законик на Република Македонија.
По преземени оперативно тактички мерки, Единицата за недозволена трговија дошла до сознание дека З.Г. набавил поголема количина на оружје и муниција. Дел од неа носел во мотоциклот кој го управува, а дел се наоѓала во неговиот дом.
На 19.10.2017 година околу 18.40 часот, полициски службеници го забележале З.Г. со мотоцикл „Априлија“ во близина на пазарот на ул. „Маџари“. Притоа, бил извршен преглед на З.Г. и претрес на мотоциклот и под седиштето биле пронајдени и одземени два сигнални револвери, еден сигнален пиштол и 150 куршуми. З.Г. бил приведен, а по извршените консултации и добиена усна наредба од Јавен обвинител, бил извршен претрес во домот и другите простории на З.Г. на ул. „Маџари“. При претресот биле пронајдени и одземени 54 сигнални пиштоли, два сигнални револвери, осум пневматски пушки, 48 додатоци за цевки за пиштоли, осум спрејови за самозаштита, поголема количина дијаболи, 5850 куршуми калибар 9 мм за сигнален пиштол, две комбинирани батериски ламби со електричен парализатор, еден дел од пиштол – навлака и две празни пластични кутиии за пиштол.
Одземеното оружје било доставено во Министерството за внатрешни работи на вештачење.