Меѓуминистерската група за надгледување на процесот на изработка на стратешките одбранбени документи, со која претседава Заменичката претседателка на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, а во чиј состав се и Заменик претседателот на Владата на РМ и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за финансии Драган Тевдовски и министерот за правда Билен Саљији, денеска имаше средба со Стивен Гловер, висок советник за одбрана и безбедност во Министерството за меѓународен развој (DFID) на Велика Британија.
Експертот за одбранбени политики од Велика Британија, Стивен Гловер, заедно со американскиот експерт за одбранбени прашања Брус Бах, во присуство на заменик амбасадорот на Велика Британија Пол Едвард, и на военото аташе во британската амбасада Ричард Пери, ја презентираше организационата структура на британскиот систем за одбрана и безбедност, како и постапките и процедурите од кои произлегува креирањето на стратешките одбранбени документи за национална стратегија за одбрана и безбедност. Овие стратешки документи, во одбранбените политики и пракса на Обединетото Кралство, владата на Велика Британија ги користи како листи за проверка за остварувањето на стратешките цели и мисии во сферата на одбраната и безбедноста на земјата.
Заменичката претседателка на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која претседава со Меѓуминистерската група за надгледување на процесот на изработка на стратешките одбранбени документи во Владата на РМ, се заблагодари на можноста членовите на оваа интерресорска група да се запознаат со искуствата на Велика Британија на ова поле. Министерката за одбрана нагласи, дека Велика Британија како докажан пријател на Република Македонија и искрен поддржувач на земјата за нејзиното членство во НАТО, дава сериозен придонес за нашата земја во период кога се очекува исчекор кон долгоочекуваното членство на Република Македонија во алијансата.
Дел од сугестиите кои произлегуваат од презентацијата на искуствата на Велика Британија во подготовката за изработка на стратешките одбранбени документи, веќе се применуваат и во Република Македонија. Тоа пред сѐ се однесува на интегрираниот, меѓуминистерски пристап, во анализата и подготовките за креирање на стратешките одбранбени документи кои веќе даваат посуштински резултати за разлика од досегашниот сегментиран пристап, рече министерката Шекеринска
Министерот за надворешни работи Никола Димитров ја истакна новата енергија во владата и во надлежните министерства за евроатлантските процеси, која внесува креативна динамика и во подготовката на стратешките одбранбени документи, а министерот за финансии, Драган Тевдовски, нагласи дека ставката за одбрана во буџетот за идната година се димензионира според стандардите на земјите членки на НАТО, како значаен фактор и во креирањето стратешките одбранбени документи од кои произлегува можноста за следење на спроведувањето на одбранбените стратегии.