СИАРС – научен проект за намален ризик на бојното поле

„Проектот СИАРС кој влијае на подобрување на борбената готовност, но и можноста за спасување на животи во екстремни околности покажува дека Република Македонија има што да и понуди на НАТО – алијансата и може да соработува со НАТО земјите-членки на исто ниво“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешното отворање на работилницата за проектот СИАРС во Скопје.

Проектот е реализиран од Воената академија и академските институции како Факултетите за електротехника и за медицина од Љубљана и ФИНКИ од скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, а поддржан од НАТО програмата за наука и мир. Неговата цел е развој на технологии за пренесување на виталните знаци за живот на војниците на бојното поле до медицинските тимови, во реално време.

На отворањето министерката Шекеринска посочи дека со овој систем за трансфер на витални физиолошки информации, без сомнение ќе се намалат ризиците по војниците и ќе се зголеми бројот на спасени животи.

„Целта е навистина благородна. Оние кои го ризикуваат својот живот за нашата безбедност, заслужуваат да се потрудиме и да направиме сè за да го намалиме ризикот што е можно повеќе, ја заслужуваат нашата посветеност да создадеме услови својата работа да ја извршат брзо, ефикасно и што е можно побезбедно“, рече Шекеринска. Додаде дека со овој проект кој обединува поголем број институции, се покажува дека Македонија работи напорно на својата стратешка цел – членството во НАТО, зашто „членството во Алијансата не е само воена цел на Република Македонија, туку тоа е голем плус и за академиските институции, за нашите истражувачи и експерти, и голема предност за унапредување на македонската технологија и иновативните решенија“.

Директорот на проектот, Јанез Тротељ им се заблагодари на организаторите и на истражувачкиот тим од словенечките и македонските факултети. „Учесниците на овој проект се одлични научници. Сите бевте целосно посветени во заедничката работа и достигнавте одлични резултати“, рече тој. Посочи дека бил позитивно изненаден од посветеноста и ентузијазмот на младите македонски истражувачи, за кои рече дека завршиле одлична работа.

Амбасадорите на Хрватска и на Словенија, Данијела Баришиќ и Милан Јазбец истакнаа дека овие земји даваат недвосмислена поддршка за членството на Македонија во Алијансата. Амбасадорот Јазбец рече дека ова е интердисциплинарен проект со повеќедимензионална порака, пример дека Македонијаима што да и понуди на Алијансатa. Амбасадорката Баришиќ посочи дека НАТО значи и демократија, владеење на правото, технологија и наука. „Владата на Македонија има волја и сила да ги спроведе реформите за стратешката цел – членство во НАТО и Хрватска ќе ви помогне да ги достигнете целите, што е добро за вас, за регионот, за НАТО и за Европската Унија“ рече Баришиќ.

Деканот на Воената академија, полковникот Орце Поповски порача дека Академијата има богата историја во проектите базирани на истражувања кои ја обликуваат нашата визија за подобрување на образовниот процес и изнаоѓање на платформи за нови идеи и иновации. Тој рече дека Воената академија е дел од четири научни проекти финансиски поддржани од НАТО – програмата за мир и безбедност и ова е еден од тие проекти.