Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев присуствуваше и се обрати на свеченото отворање на 43-от меѓународен саем Технома 2017.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека Технома е важна манифестација на која своите производи ги презентираат сите компании од техничка област, односно од енергетиката, градежништвото, металургијата и електротехниката.
Тој потенцираше дека 43 годишното постоење на манифестацијата е доказ за успешноста и дека вакви манифестации се особено важни за поврзување и склопување на бизнис зделки помеѓу бизнис партнери.
Вицепремиерот истакна задоволство што на Технома/Макинова ќе учествуваат и над 100 иноватори, од кои околу 90% се Македонци, кои ќе ги презентираат своите иновации и очекува некој иновативен проект наредната година да биде помеѓу изложувачите на главната саемска манифестација.
Вицепремиерот подвлече дека Владата ќе биде посветена кон развојот на економијата и поддршката на компаниите независно дали се тие формирани со странски или домашен капитал.
На новинарско прашање за најавите на премиерот за зголемување на даноци и други давачки од кој бенефит ќе имаат општините и интересот на бизнисмените за кои даноци се однесуваат измените, бидејќи не биле консултирани и сакаат да учествуваат на поширока дебата, вицепремиерот одговори:
„Било каква измена на даночната политика ќе биде во прилог на граѓаните и на стопанството на Република Македонија. Значи нема да се случи без поширока расправа, и за таа и медиумите и граѓаните и стопанствениците ќе бидат навремено информирани“, појасни вицепремиерот Анѓушев.
Денеска започнува 43-то издание на саемската манифестација Технома 2017, која ќе се одржува во наредните 5 дена во „ВИП арената Борис Трајковски“ и каде околу 120 компании директно или индиректно ќе ги претстават своите производи. Во рамките на Технома се одржува и 37 издание на МАКИНОВА/ЕКОНОВА 2017 кеде 104 домашни и странски пронаоѓачи ќе ги претстават своите иновации.