Вечер на македонски автори ќе се одржи вечерва во концертната сала на музејот „Борис Христов“ во Софија. На концертот ќе бидат изведени дела за флејта и пијано од македонски композитори од неколку генерации.
На концертот ќе настапат флејтистката Златка Митева и пијанистката Наташа Трбојевиќ, кои ќе изведат дела од Стојан Стојков, Гоце Гавриловски, Валентина Велковска-Трајановска, А. Мелоти, Томислав Зографски, Љубомир Бранѓолица и Трајко Прокопиев.
Митева дипломирала на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија и магистрирала во класата на проф. Лидија Ошавкова. Вонреден професор по флејта е на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Трбојевиќ дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Лепша Пиперковска, а магистрирала во класата на проф. Евушка Трпкова-Елезовиќ. Од 2016 година е доцент на Музичката академија на Штипскиот универзитет.
Нивниот вечерашен настап во Софија е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.