„Од аспект на Министерството за внатрешни работи, кое во изминатиот период ја демонстрираше својата отвореност и подготвеност за соработка, пред се со Комората на Република Македонија за приватно обезбедување – како асоцијација која го обединува и дефинира потребите и целите на оваа дејност – и тоа како е важно прашањето за продлабочување и надградување на нашето досегашно партнерство во насока на поголема ефикасност и функционалност во заедничкото делување“, рече министерот Оливер Спасовски во своето обраќање на конференцијата „Приватната и јавната безбедност, соработка и партнерство“ во рамките на кампањата „Денови на приватно обезбедување“, што традиционално ја организира Комората на Република Македонија за приватно обезбедување.
Министерството за внатрешни работи, како надлежен регулатор на овој сегмент од работењето има интерес во континуитет не само да биде во тек со сите потреби, активности и трендови во приватното обезбедување, туку истовремено и да ги детектира, заеднички, сите можни нови форми на соработка кои, исто така, подеднакво би биле во интерес и на приватната, но и на јавната безбедност, потенцираше Спасовски.
Констатирајќи дека МВР е отворено за соработка околу сите предлози, министерот Спасовски нагласи дека – “сите заедно, особено стручната фела, можеме да продуцираме нови идеи, предлози, решенија за генерално подобрување на безбедноста“.