И покрај напорите и противењето на жителите на Урбаната заедница „Горна Влашка маала“ заедно со поддршка на Основното училиште „Христо Узунов“ и Детската градинка „Јасна Ристеска“ – објект „Развигорче“, мобилниот оператор ВИП продолжува со поставувањето на базната станица во населбата на приватен објект.
„Ги повикуваме граѓаните утре (петок) со почеток во 17 часот на масовен мирен протест по повод поставувањето на базната станица на операторот ВИП на објектот над книжарницата „Варе“.
Овој протест ќе биде против поставување на оваа базна станица која со негативното зрачење влијае на жителите на оваа урбана и особено на над 1500 млади кои ги опфаќаат Основното училиште „Христо Узунов“ и Детската градинка. Заедно сите граѓани да побараме отстранување на базната станица. Исто така, ќе побараме и измена на законската регулатива за поставување на вакви базни станици кои се штетни во населено место.
Воедно, ги повикуваме градоначалникот, пратениците од Охрид, советниците во Советот на општина Охрид да ни се приклучат на овој протест и да помогнат во решавање на овој проблем кој ги засега сите граѓани.“ – изјавија од Урбаната заедница 10 „Горна Влашка маала“.