Денес во ООУ „Братство единство”, Охрид се одржа Ликовна работилница „Цвеќе на мирот“. Настанот беше посветен за добитникот Истакнат просветен работник на годината – 2017, Проф. Муамер Доко, кој е воедно и директор на училиштето.
„Благодарност до моите учители и моите родители што денес јас сум Учителот! Од Сојузот на Просветните работници на Република Македонија по повод на 5 Октомври – Светскиот ден на учителот, после еден период од 34 години од дадениот придонес во просветата како учител и како лидер на едно модел училиште односно мултиетничко школо и во воспитувањето на учениците, негувањето на соживотот како и развивањето на воспитно образовната дејност, денес се декорирав како најдобар учител (просветен работник) и најдобар директор за учебната 2016/17год.“– рече во своето обраќање Доко.
Веќе 23 години, Сојузот на просветните работници на Македонија го доделува ова признание на истакнати просветни работници, кои покажуваат посебни резултати во воспитно-образовниот процес на сите степени во оваа област, а Живко Поповски Цветин, традиционално повеќе години наназад во знак на благодарност кон Учителот (секој човек има свој најдраг Учител) им подарува по една своја слика од колекцијaта „Цвеќе на мирот“ што ја создава над 30 години и ја распостила низ целиот свет. Досега Цветин подарил над 50.000 свои слики и организирал над 300 изложби (од кои во 100 основни училишта), во земјата и странство. На овој настан учениците, наставниците и родителите заедно го слават Учителот, кој го има ова признание со цел да се поттикнат и другите наставници со своето ангажирање да го добијат ова признание и заедно со родителите и учениците да се постигнат врвни резултати во областа на воспитанието и образованието на младите генерации.