За нашите служби да можат да бидат ефикасни во откривањето на организираните криминални групи на криумчарење мигранти најважна е брзата и непречена размена на информации, рече министерот Оливер Спасовски во своето обраќање на Министерскиот форум на ЕУ и Западен Балкан за правда и внатрешни работи што се одржува во Софија.
„Дозволете да забележам дека постојат голем број билатерални и меѓународни правни инструменти со кои нашите држави се обврзуваат на соработка, учество во заеднички истражни тимови, заеднички мешани патроли, размена на информации. Или со други зборови, правно е регулирана нашата соработка. Она што треба вистински да направиме е нашиот ентузијазам да го насочиме кон вистинска полициска соработка на дневна основа, не само на регионално ниво, туку и со земјите на крајна дестинација на мигрантите. Патот на движењето на мигрантите од моментите кога тие влегуваат во нашите земји, па се до нивното конечно пристигнување во посакуваните западно европски држави може да даде многу одговори. Одговори кои ја даваат целосната слика за криминалната мрежа“, рече министерот Спасовски.
Тој потенцира дека криминалците постојано го менуваат начинот на дејствување и дека новите форми на криумчарење не вклучуваат единствено криумчарење мигранти.
„Ние, како полициски служби треба да се прилагодиме на новиот modus operandi на криминалците. Потребно е да се преструктуираме и да бидеме поуспешни во разоткривањето на организираните криминални групи кои согласно последните податоци покрај мигрантите криумчарат и дрога и оружје“, рече министерот Спасовски.
На Министерскиот форум на ЕУ и Западен Балкан кој се одржува вчера и денеска во Софија учествуваат министрите за правда и внатрешни работи на Естонија, Бугарија и Австрија, кои го претставуваат Триото на Претседателство со Советот на ЕУ, заедно со Европската комисија, претставувана од Европскиот комесар за правда, потрошувачи и родова еднаквост и Европскиот комесар за миграции, внатрешни работи и државјанството со своите колеги од шест партнери од Западен Балкан. Министрите ја истакнаа клучната важност на владеењето на правото, правдата и фундаменталните права во односот на ЕУ со регионот и практичната соработка во областа на правдата и внатрешните работи и се фокусираа на темите: реформа на правосудството, судска соработка, миграција и гранично управување, борба против тероризмот и радикализацијата, како и борбата против нелегалната трговија со огнено оружје.