Работилница „Визија за декарбонизација на Република Македонија- енергетско сценарио за Македонија 2050“

Еко-свест организираше работилница на тема „Визија за декарбонизација на Република Македонија- енергетско сценарио за Македонија 2050“.

На работилницата беа поканети релевантни чинители од енергетскиот сектор во Р.Македонија како и носители на одлуки. Целта на работилницата беше да иницира дискусија за декарбонизација на Република Македонија до 2050 година, која би резултирала во соодветни предлози, сугестии и заклучоци од страна на учесниците. Овие предлози и заклучоци ќе бидат земени во предвид при финализирање на студијата и сценариото за декарбонизација на Република Македонија.

„Ние имаме должност да престанеме со употребата на фосилни горива и да не ги повторуваме грешките што ги направиле другите членки на Европската Унија. Р.Македонија има огромен потенцијал за употреба на обновливи извори и зелени работни места.“ – изјави Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.

Енергетското сценарио за транзиција на Македонија кон обновливи извори на енергија го изработи Јасмина Саид, проектен координатор во Еко-свест во рамките на проектот „Зајакнување на граѓанското општество за застапување за транзиција кон одржлива енергија“, кој го предводи мрежата INFORSE Europe, што го спроведува Еко-свест, а кој е финансиски поддржан од “CISU- Civil Society in development”.

„Република Македонија во моментов е увозно зависна земја од енергенти (квалитетен јаглен, течни и гасни горива) околу 50 % од потребните енергенти ги увезуваме. Производството на енергија до 2035 година останува базирано на јаглен, а 85-90% од емисиите на сулфур диоксид во Македонија доаѓаат од термоелектраните во Битола и Осломеј.“– вели Јасмина Саид од Еко-свест

Енергетското сценарио за премин кон обновливи извори покажува дека потребни се агресивни кампањи за зголемување на свеста со цел да се овозможи промена на ставот (mindset-от) на стејкхолдерите дека фосилните горива се единствена опција за Македонија.

„Сончевата енергија како обновлив извор има најголем потенцијал за искористување во Македонија, по неа следи ветерната енергија за диверзификација на енергетскиот сектор и напуштање на фосилните горива, додека енергетската ефикасност е мерка која мораме да се спроведува забрзано.“- изјави Јасмина Саид од Еко-свест.

Од Еко-свест потсетуваат дека фосилните горива се најголема причина за климатските промени во светот. Светските истражувачи во оваа област веќе предупредија дека екстремните временски услови ќе стануваат се почести и ние немаме повеќе време да преговараме. Транзицијата кон обновливи извори на енергија за Р.Македонија мора да започне денес!