Претставници на Царинската управа, денес одржаа состанок со претставници на Меѓународниот институт за кривично право и човекови права во Сиракуза, во врска со проектот „Зајакнување на борбата против недозволената трговија во Југоисточна Европа“ (Strengthening the fight against illicit trade in South Eastern Europe).
Планирано е во рамките на овој проект да се спроведе првата сеопфатна студија за предизвиците и препреките во борбата против недозволената трговија, во Република Македонија и во 11 други земји. Во проектот со траење од 24 месеци, чии конкретни активности започнуваат овој месец, ќе учествуваат бројни партнери – министерства, служби за прогон, органи задолжени за спроведување на закон и царински служби, како и академии за обука на стручни лица од областа на кривичното право. На денешната средба што се одржа во просториите на Царинската управа, се дискутираше за активностите предвидени со проектот, како и за конкретниот придонес што се очекува од царинските службеници.
Проектот, од кој се очекува иновативна рамка за подобрување на соработката помеѓу националните институции, корпорации, индустриски здруженија, институти за истражување и граѓански организации вклучени во борбата против недозволената трговија, предвидува изготвување на национална студија за потребите за обука на службени лица од доменот на кривично право и за недозволената трговија на регионално ниво (недостатоци, потреби, најдобри практики).
Согледувањата и препораките кои ќе произлезат како резултат од проектот, ќе бидат презентирани на меѓународна конференција.