Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, синоќа беше гостин на вториот Интернационален гастрономски натпревар – „ГастроМак“, чиј домаќин изминатите неколку денови беше градот Струмица, и на кој учествуваа околу триста натпреварувачи и гости од целиот свет, вклучувајќи ги САД, Индија, Пакистан, Велика Британија, Русија, Италија, како и од соседните земји Бугарија, Србија, Албанија и Грција.
Манифестацијата „ГастроМак“ беше прилика за запознавање на традициите и културите на другите народи. Овие манифестации и средби, во исто време, се значајни настани за воспоставување нови пријателства за подобри врски со другите народи и традиции.
Претседателот на Владата на РМ истакна дека оваа манифестација ги става Струмица и и Република Македонија на светската гастрономска мапа.
Заблагодарувајќи им се на присутните, а особено на учесниците кои дојдоа од 30-тина земји, премиерот Заев истакна дека само со позитивен дух светот може да биде подобро место за живеење, а дел од него ќе бидат и Струмица и Република Македонија.
Претседателот на владата Заев на финалната вечер на оваа манифестација ја врачи Гран При наградата на најдобриот готвач, а организаторите на „ГастроМак“ на премиерот Заев му врачија симболичен подарок.