Водици на охридски начин

 Помалку од 24 часови до фрлањето на Светиот крст во водите на Охридското Езеро, подготовките течат во најдобар ред, организаторот на манифестацијата која требаше да прерасне во централен настан во целокупниот православен свет и оваа година најавува фасцинантен спектакл, во присуство на највисокиот политички и преостанат естаблишмент, присуство на голем број на домашни и странски посетители, желни за продолжување на вековната традиција и обичаи, за осветување и крштевање на сите води, за здравје, радост, среќа и бериќет.

 Јас пак поучен од сите претходни збиднувања на оваа манифестација во нашиот град, се прашувам кој ќе биде овогодинешниот „среќен фаќач” на Светиот крст, дали ќе биде г-инот Рилко, Топенчар, Бабаче или некој друг од тајфата (на Шуле, се извинувам згрешив) на господата гражџани од ВАРОШ маало, з’ш во овие студени зимски денови само тие и никој друг се подготвени да го фатат крстот за доброто на сите се разбира. Впрочем ако мене ме прашате може ли некој подобро да го извлече крстот од водата, од некој што е роден во езерото и толку добро плива, што за секоја сигурност е залепен до бродот или во најнепосредна близина на владиката, за да нели им покаже на останатите маченици што храбро и гордо го очекуваат фрлањето на крстот на самиот брег позади обележаната линија, колкав е фанатизмот кај него и варошката тајфа, бидејќи тие се неприкосновени владетели за Водици и никој не смее да помисли поинаку од тоа. Овде не смееме да го заборавиме и митрополитот г-нот Тимотеј, кој сигурно претходно се подготвува за да не ја промаши варошката тајфа и се разбира да не погоди нечија рака, за да рајата не помисли дека сето тоа е наместена работа. За ова мислам дека треба да му се оддаде признание, нели! Па не е мала работа толку години да погодуваш на исто место со 100% прецизност (на ова може да му позавиди и нашиот Кирче Лазаров, кој понекогаш знае и да промаши. Напред наши, вечерва против Данска!!!) поради што мислам дека е забележан и од селекторот на ракометната репрезентација.

 Како и да е, останува да видиме што (или подобро речено кого) ќе ни донесе утрешниот ден, а јас на сите хазардери што ќе се опкладат против Варош маало, им се кладам во 1 000 000 евра, дека повторно Варошанец ќе биде  со крстот во рака.

 За многу години да е денот и да го славиме уште многу години!!!

К. З. (читател на WebOhrid)

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.