Земјите од регионот ќе формираат туристичка асоцијација за југоисточна Европа

Србија, заедно со уште пет други земји од регионот ќе формира туристичка асоцијација за југоисточна Европа со што заедно би се привлекле туристите од Далечниот исток, изјави директорот на Националната асоцијација на туристички агенции на Србија (Јута), Александар Сеничиќ.

Тој во изјава за агенцијата Бета, рече дека асоцијацијата ќе ја сочинуваат Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Албанија и Македонија, а протоколот за соработка ќе биде потпишан во февруари на Саемот за туризам кој ќе се одржи во Белград.

„Планот е да направиме заеднички програми со кои би ги задржале тие туристи на нашите простори, од 7 до 14 денови, а со тоа би посетиле две до три земји“, истакна Сеничиќ.

Тој додаде дека во таа програма може да се вклучат и Романија и Бугарија. Според неговите проценки, за две години се очекува бројот на туристите од тој регион да се зголеми од 50% до 70%.