Вељаноски го прими новоименуваниот шеф на канцеларијата за врски на Грција

Од страна на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, беше изразено задоволство за средбата и на амбасадорот Лалакос му посака успешна работа во неговиот мандат.

На средбата, претседателот Вељаноски изрази жалење што не се остварува соработка на парламентарно ниво, како на претседатели на парламенти, така и на ниво на пратеници и на соодветни комисии.

Тој изрази надеж дека многу скоро ќе дојде до воспоставување на непосредна парламентарна соработка, потенцирајќи дека парламентарната дипломатија е одличен и сè повеќе користен инструмент за подобрување на соработката и решавање на спорните прашања меѓу државите.

Претседателот Вељаноски, наговестувајќи го неговото учество на Конференцијата на спикери на Парламенти на членките и кандидатите за членки на Европската унија, која ќе се одржи во април во Кипар, потенцираше дека овој самит ќе биде одлична можност за остварување средба со неговиот грчки колега.

Амбасадорот Лалакос, заблагодарувајќи се за топлиот прием, истакна дека ќе ги пренесе пораките до претседателот на Парламентот на Грција.

Претседателот Вељаноски истакна дека очекува на Самитот на претседатели на парламенти, кој во мај оваа година треба да се одржи во Република Македонија, во рамките на Процесот на соработка во Југоисточна Европа, со кој претседава Република Македонија, исто така да дојде до средба меѓу двата претседатели на парламентите на Република Македонија и Грција.

На крајот, претседателот Вељаноски ја потенцираше отвореноста на Собранието за соработка и отвореноста на неговиот Кабинет за непосредна и континуирана комуникација и соработка со Канцеларијата за врски на Република Грција и Република Македонија.