Се зголемува минималецот во текстилната и кожарската индустрија

Зголемување на минималната плата во текстилниот и кожарскиот сектор за 596 денари во нето износ или 1.471 денари бруто, најави денеска на прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Одлуката, додаде тој, е донесена на вчерашната седница на Економско социјалниот совет.

„Усогласување на дејностите производство на текстил, облека, кожа и слични производи од кожа минималната бруто плата 2013 година ќе изнесува 10.990 денари, односно нето 6.859 денари“, посочи Ристовски.

Висината на минималната плата во другите сектори за 2013 година ќе изнесува 8.050 денари или 12.268 денари бруто, информира Министерот.

„Имајќи ги предвид статистичките податоци, трошоците на живот, порастот на платите во 2012 година во однос на 2011 година, членовите постигнаа согласност висината на минималната плата за 2013 година да изнесува на исто ниво како и во 2012 година. Со ова сакам да нагласам дека нема да има намалување на реалната плата за лицата што примаат плата во висина на минималната“, рече Ристовски.

Правото на минимална плата, додаде тој, му следува на секој вработен и во износот не се вклучени додатоците на плата за работен стаж, прекувремена работа, работа во празник, а доколку постои основ за нивна исплата тие треба да се додаваат на утврдениот износ.

„По една година од примена на Законот за минимална плата нема дојави за злоупотреби или неправилности во исплатата. Апелирам до вработените, како и до синдикатите доколку има одредени неправилности во исплатата на минималната плата да се преземат навремени мерки и благовремено да информираат, но и да ги пријавуваат до Државниот инспекторат за труд“, нагласи Ристовски.

Законот за минимална плата почна да се имплементира од јануари 2012 година. Во Законот е утврдена минималната плата која треба да се исплатува на месечно ниво, за полно работно време. Дефиниран е и начинот на пресметување и тоа во износ од 39,6 отсто од просечната бруто плата во Република Македонија за претходната година.