Македонските вина промовирани на саем за вино во Кина

Саемот за промоција на вино и пијалоци Интервине се одржува во градот Гуанџоу, НР Кина во периодот од 30ти Мај до 1ви Јуни 2013 година. На десетото издание на Саемот ИНТЕРВИНЕ се презентираат 11 винарски визби од Македонија (Тиквеш, Стоби, Сковин, Далвина, Попов, Бовин, Камник, Дудин, Езимит, Имако и Попова Кула), на заеничкиот павиљон, а заедно со виното се презентираат и туристичките и инвестиционите потенцијали на Македонија. Ова е најголемиот саем во облата Гвандонг, јужна Кина на кој своите вина ги презентираат повеќе од 500 изложувачи од 20 земји од светот и истиот привлекува повеќе од 20.000 увозници и дистрибутери на вино од цела Кина.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија согласно програмата за поддршка на извозот на македонски производи обезбеди финансиска поддршка за простор и  штанд од 120м2 за македонски компании производители на вино. Во организација на саемот се вклучени Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, Агенцијта за поддршка на туризмот на Р.М  и Здружението Вина од Македонија, како и Амбасадата на Република Македонија во НР Кина.

Во рамките на саемот е предвидена дегустација на македонските вина од сортата Вранец која ќе ја води реномиран сомелиер, прес конференција и презентација за Македонија како туристичка и инвестициона дестинација за љубителите на вино.

На натреварот за вино кој се одржа во склоп на Саемот учествуваа 130 вина од 20 земји од светот,  наградени беа македонските вина: Вранец Веритас 2011 од винаријата Стоби за најдобро црвено вино, како и виното Дисан 2010 од винарија Бовин за најдобро оценето вино во категорија најдобар сооднос на цена и квалитет.

Признание за Најдобар стратешки партнер на овогодинешното издание на Саемот Интервине беше доделено на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.