Во Колумбија запленета подморница за транспорт на дрога

Во југозападна Колумбија полицијата заплени и уништи една миниподморница каква што користат бунтовниците од ФАРК за транспорт на кокаин. Амфибискиот брод, чија вредност се проценува на околу 1,5 милиони долари, бил сокриен во шумското подрачје во југозападната провинција Нарињо.

Станува збор за пловен објект долг 12 метри и широк 3,5 метри, а во откривањето помогна и американската Управа за борба против наркотици ДЕА.

Колумбиските власти минатата година пронајдоа и уништија осум вакви бродови кои можат да пловат под површината на водата, со што избегнуваат да бидат откриени од страна на службите за борба против наркотици.