ФЗОМ: Од вторник стапуваат на сила новите права за ортопедски и други помагала

Фондот за здравствено осигурување на Македонија интензивно работеше на остварување на поквалитетни права за ортопедски помагала.  Измените кои Фондот ги направи се резултат на исцрпна соработка и барања кои ги имаа од националниот сојуз на инвалидизирани лица, здруженијата на пациенти, здравствените установи и од самите осигуреници. ФЗОМ излезе во пресрет на голем број од овие барања и направи измени на Правилникот за ортопедски и други помагала. Од вторник, 12 ноември стапуваат на сила новите права за ортопедските и други помагала, кои се објавени на 04 ноември 2013 во Службен Весник.Овие измени значат поголеми права за осигурениците кои ги користат ортопедските помагала. Воедно измените значат и нови трошоци за ФЗОМ во вредност од околу 15 милиони денари годишно.

Измените се групирани во осум дела: почесто до нови протези за долни екстремитет, почесто до миолектрична протеза за горен екстремитети, намалување на партиципацијата за надколени и подколени ортози, почесто до нови ортопедски чевли за дечиња до седум години, почесто до вештачка дојка, воведување на привремена очна протеза за сите возраст, подколен апарат за скочен зглоб и метална сандала и радијалис апарат, како и надоколена корективна лонгета за корекција на контактури во колено и скочен зглоб. 

Од ФЗОМ се надеваат дека овие измени ќе придонесат до поквалитетен живот на овие групи на осигуреници и ќе им се овозможи непречено соочување со секојдневните предизвици, барем во овој домен на ортопедски помагала кој е во надлежност на ФЗОМ. Вкупен број на осигуреници кои се опфатени годишно со овие олеснувања изнесува 7.700 осигурени лица. Редовните контакти со здруженијата на пациенти, сојузот на инвалидизирани лица како и размислувањата на поединци-корисници на ортопедски помагала, во овој сегмент многу му помагаат на ФЗОМ за да може да им излезе во пресрет на начинот на добивање и користиње на ортопедските помагала.

Инаку, Фондот од вкупниот буџет троши 2 проценти за ортопедски помагала, или во последните 3 години од 350 милиони денари годишно се зголеми на 450 милиони денари. Најголемите три ставки во делот на ортопедките помагала се издвојуваат за: пелени (160 милиони), кеси за стоми – вештачки отвори 65 милиони и ортози за рбетен столб 49 милиони денари. Истовремено Фондот најавува големи контроли за да се осигура дека нема да постојат злоупотреби при остварувањето на овие права и дека вистинските осигуреници ќе ги добијат вистинските ортопедски помагала на задоволство на осигурениците.