Нема небезбедни корнишони на домашниот пазар

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски и првиот човек на Државниот инспекторат за земјоделство,вчера, одржаа заедничка прес конференција. Како што истакна директорот Рунтевски, Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија (АХВ), како контакт точка за Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни на Европската Унија (RASFF), на 28.10.2013 и 31.10.2013 година доби две нотификации бр.2013.BVV (94214) и бр.2013.BVY (94184) за две небезбедни пратки, првата со 20.435 килограми и втората со 13.695 килограми свежи корнишони со потекло од Република Македонија, извезени во Република Хрватска.

„За овие производи, хрватската Управа за санитарна инспекција, врз основа на извршените лабораториски анализи на земените мостри на 04.10.2013 година, на 21 и 22.10.2013 година издала наредба за забрана за ставање во промет и уништување на небезбедните пратки од овој земјоделски производ, поради утврдено присуство на органофосфатниот инсектицид хлорпирифос над максимално дозволените концентрации, со вредност од 0,14 односно 0,26 мг/кгр-ppm. Уништувањето на небезбедните пратки е извршено од страна на градското комунално претпријатие “Комуналец” од Копривница“, – појасни тој.

По добивањето на нотификациите, а согласно пропишаните процедури, АХВ, додаде тој, веднаш го проследи известувањето до Државниот инспекторат за земјоделство, како надлежна институција во делот на контролата на примарното земјоделско производство и употребата на заштитните средства (пестициди).

„Во соработка со инспекторатот, АХВ на 31.10.2013 година изврши инспекциски надзор кај компанијата ДПТУ “Тргопродукт” ДОО од село Дабиле, како дел од трговскиот синџир за извоз на свежи корнишони во Хрватска. Оваа компанија, врз основа на презентираните докази, извршила откуп на спорните количини од “ЕКО ОРАНЖЕРИИ АНСКА РЕКА доо – Валандово” и истите ги продала на компанијата “Подравка”ДООЕЛ Скопје, која корнишоните во Хрватска ги извезла за хрватската фирма “Подравка” од Копривница. Во рамките на овој надзор, од корнишоните кои се најдени на залиха, фитосанитарната инспекција од Државниот инспекторат за земјоделство испрати три мостри за лабораториско испитување на евентуално присуство на резидуи на пестициди во Институтот за јавно здравје на Република Македонија. Поради елиминирање на можноста за пласман на преостанатите количини корнишони на домашниот пазар, а за кои постоеше сомнеж дека се третирани со овој пестицид, ДИЗ забрани ставање во промет на корнишоните се до добивање на резултатите од анализите“, – рече Рунтевски.

Со лабораториските наоди бр.7422/2013, 7423/2013 и 7424/2013 од 06.11.2013 година, е констатирано дека присуството на пестициди е под максимално дозволените концентрации и дека истите се во согласност со Правилникот за општите барања за безбедност на храната.

При дополнителните контроли од страна на АХВ, констатирано е дека производителот “ЕКО ОРАНЖЕРИИ АНСКА РЕКА доо – Валандово”, искористил средства за заштита на растенијата само во еден од пластениците (поради појава на инсекти во истиот), а целокупното производство од тој пластеник е извезено за Република Хрватска, што значи дека овие производи не завршиле на домашниот пазар. Извозот во Република Хрватска е извршен без издаден документ за безбедност на производот од страна на АХВ.

Румен Стаменов, директор на Државниот инспекторат за земјоделство на прес конференцијата информира дека на производителот “ЕКО ОРАНЖЕРИИ АНСКА РЕКА доо – Валандово” во текот на вчерашниот ден, од страна на инспекторатот му е изречена казна забрана за вршење на дејност поради неисполнување на законската обврска за упис во Регистарот на производители, увозници и дистрибутери на производи од растително потекло во Фитосанитарната управа при Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство. Забраната за вршење на дејност ќе биде на сила се додека не се евидентираат во Регистарот.

„При спроведената редовна инспекциска контрола констатирано е дека Анска река не е евидентирана во регистарот, за што на компанијата и е даден рок од 15 дена за да изврши упис. И покрај ова, не постапено од нивна страна поради што е изречена мерката забрана за вршење дејност и вкупна парична казна од 13.100 евра“, – појасни Стаменов.

Претпоставка е, рече Стаменов, дека компанијата производител не ја исполнила оваа законска обврска бидејќи сакала да ја избегне законската обврска за вработување на стручно лице од областа на заштитата на растенијата.

Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија на 11 ноември годинава доби нотификација број 2013.1462 дека на пазарот во Франција е пласиран небезбеден производ – грозје по потекло од Република Македонија. Станува збор за 9.216 килограми грозје од сортата Викторија кои компанијата “Виви пром Васил ДООЕЛ”од Богданци, преку француска компанија ги извезла на пазарот во Франција.

„Нотификацијата уследи по извршената официјална контрола од страна на надлежните органи во оваа земја и земените мостри грозје од прометот на 19 септември, кај кои со лабораториски анализи се утврдени остатоци од инсектицидот ометоат над максимално дозволените концентрации“, – појасни Рунтевски.

По добивањето на нотификацијата, согласно пропишаните процедури, Агенцијата за храна и ветеринарство го извести Државниот инспекторат за земјоделство, како надлежна институција за контрола на примарното земјоделско производство и употребата на заштитните средства- пестициди. Со извршениот инспекциски надзор кај компанијата “Виви пром Васил ДООЕЛ”од Богданци, од страна на инспекторите за храна констатирано е дека грозјето е откупено само од еден индивидуален земјоделски производител и целокупната количина е извезена на францускиот пазар.

„Државниот инспекторат за земјоделство сега врши контрола кај индивидуалниот земјоделски производител од кого компанијата од Богданци го откупила грозјето. Согласно законските прописи тој како и сите земјоделски производители има обврска да води евиденција за употребата на заштитни средства во производството и истата имаат обврска да ја чуваат 5 години“, – објасни Стаменов.  

Врз основа на законските надлежности и согласно со европските програми за мониторинг, Агенцијата за храна и ветеринарство ја спроведува Програмата за мониторинг на безбедноста на храната која има за цел одредување на присуството и концентрациите на контаминентите во храната и врши евалуација на нивното влијание врз здравјето на човекот. Програмата вклучува мониторинг на микробиолошка исправност на храната, присуството на тешки метали, микотоксини како и на резидуи од пестициди.

Досега се добиени 449 резултати од земени мостри од разни видови земјоделски производи од домашниот пазар и ниту кај еден примерок не се утврдени остатоци од пестициди над максимално дозволените концентрации, односно не се констатирани неусогласености во поглед на безбедносните критериуми.

За испитување на остатоци од пестициди кај земјоделските производи од домашниот промет со Мониторинг Програмата за 2013 година предвидено е анализирање на 505 мостри.