Се намалува бројот на заболени од грип во Македонија

Во текот на 11-тата недела од 2014 година (од 10.03.2014 – 16.03.2014 година), во Република Македонија се пријавени 1.749 новозаболени на групни пријави за заболени од грип, што е намалувње од 30,1% во однос на минатата недела. Во споредба со бројот на заболени во 11-тата недела од минатата сезона, се бележи намалување за 13,8%, а во однос на просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, зголемувањето e за околу 2 пати.

Во сезоната 2013/2014, заклучно со 11-тата недела, 2014 година) вкупниот број на заболени од грип во републиката изнесува 26.410.

Во споредба со истиот период од минатата година, постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 29,7%, а во однос на просекот за 10-годишниот период зголемувањето изнесува 57,3%.

Во текот на 10-тата недела регистриран е еден смртен случај на територијата на ЦЈЗ Скопје, во возрасната група лица над 65 години. Вкупниот број на смртни случаи, асоцирани со инфекција со вирусот на грип во оваа сезона сега изнесува 11.

Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, укажува дека во месец февруари пријавени се најголем број на случаи со симптоми на грип – 54,5% од вкупниот број на заболени во целата сезона. Во месец јануари регистрирани се 25,8% од заболените.

Најголем број на заболени во текот на оваа сезона се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Скопје – 3.815 заболени и ЦЈЗ Прилеп – 3.631, а најголем морбидитет (722,1/10.000) е регистриран во ПЕ Кавадарци.

Дистрибуцијата на заболени и морбидитетот по возрасни групи во сезоната 2013/2014 покажува најголем број заболени во возрасната група од 15-64 години – 65,2%, а најголем МБ (222,5/10.000) е регистриран кај децата до 4-годишна возраст.

Во текот на 11-тата недела од 2014, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигнати се 8 материјали за тестирање на грип, од кои 5 биле позитивни. Детектирани се двата поттипа на инфлуенца А вирусот – A/H1N1pdm 09 и А/H3N2.

Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 187 хумани материјали, од кои 115 или 61,5% биле позитивни на вирусот на инфлуенца.

Од позитивните, 90,4% материјали се конфирмирани како инфлуенца А, а кај 9,6% е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот.

Од инфлуенца А позитивните, 17,3% се конфирмирани како инфлуенца A/H1N1pdm 09, 31,8% материјали се позитивни на инфлуенца А/H3N2, а 50,9% се нетипизирани инфлуенца А вируси.

Активноста на вирусот на инфлуенца континуирано се намалува во последните три недели, но бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип во Македонија сé уште е над просекот споредено со десетгодишниот период 2003-2012. Се очекува трендот на намалување на активноста на вирусот на грип да продолжи и во следниот период.

Во циркулација се двата типа на вирусот на инфлуенца – А и Б, со доминација на вирусот на инфлуенца А.

Во електронскиот неделник на WHO – Euroflu за 10-тата недела, се наведува дека продолжи трендот на намалено пријавување на лица со грип/заболувања слични на грипот и со акутни респираторни инфекции во целиот регион. Најголемиот дел од државите пријавуваат ниска активност на вирусот на инфлуенца во 10-тата недела.

Процентот на позитивни тестирани примероци се намалува веќе четврта недела со ред во сите земји од регионот што укажува на тоа дека сезоната на грип го помина својот врв. Во Европскиот регион на СЗО ко-циркулираат и двата типа на инфлуенца, инфлуенца A(H1N1) pdm09 – во северниот дел и во источниот дел, но и во неколку други земји.

Бројот на пријавени хоспитализации поради тешки акутни респираторни инфекции благо се намали во последната недела. Најголемиот број на хоспитализирани случаи припаѓаат на возрасната група од 0-4 години. Неколку земји регистрираа зголемување на SARI случаите во повозрасните групи. Од почетокот на сезоната, 7 земји пријавиле 3.707 хоспитализации на пациенти, лабораториски позитивни на грип: 99% како резултат на инфекција со influenza A (воглавно A(H1)pdm09) и 1% со influenza B.

Пет земји пријавиле вкупно 306 смртни случаи, 99% поврзани со инфекција со influenza A (од субтипизираните, 82% – A(H1)pdm09 и 18% – A(H3)) и 1% со influenza B.