Бакрачески: Неделното гласање да го направиме празник на демократијата

„Во недела на 27 април, граѓаните на Македонија ќе избираат нов претседател  и членови на парламентот. Слободните и фер избори, се најголема придобивка на демократијата и граѓанското општество. Слободно изразената волја на секој граѓанин на Охрид ќе значи потврда на ваквата придобивка и зацврстување и унапредување на политичкиот систем на Македонија, како демократска и правна држава.

Упатувам апел до сите граѓани на Охрид, во недела масовно да излезат на избори и да го искористат своето право на глас и да ја дадат довербата на оние личоности и онаа политичка опција за која најмногу веруваат дека ќе ги реализира нивните погледи за развој на општеството и државата и најдобро ќе ги исполни нивните интереси и потреби, ослободени од било какво влијание или предрасуди.

Уверен сум дека охриѓани и овој пат, ќе покажат високо ниво на политичка зрелост. Очекувам граѓаните неделното гласање да го направат празник на демократијата, со слободно изразување на политичката волја во мирна и достоинствена атмосфера, а потоа сите заедно да се вратиме кон есенцијалните работи, за поубав, пофункционален и економски понапреден Охрид за сите граѓани,“ порача денеска градоначалникот Никола Бакрачески.