„Македонија во чест на Свети Кирил“

По повод манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, министерот за образование и наука Спиро Ристовски во следните два дена ќе биде во официјална посета на Република Италија и Светиот Престол, како дел од македонската делегација предводена од претседателот на државата д-р Ѓорге Иванов.

Во рамки на програмата за чествување на Светите браќа Кирил и Методиј, предвидена е аудиенција кај папата Франциск, молебен на гробот на Св. Кирил во базиликата „Свети Климент“, а делегацијата ќе присуствува и на свеченото отворање на изложбата „Словенски ракописи од Македонија од XIII до XIX век“ во организација на НУ НУБ “Св. Климент Охридски“ од Скопје, како и на изведбата на балетската претстава „14 часа“.

Дополнително, при посетата предвидени се и активности за зајакнување на соработката во областа на образованието помеѓу Република Македонија и Република Италија, преку потпишување на меморандум за разбирање помеѓу Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот „Федерико Втори“ во Неапол, како и потпишување протокол за соработка помеѓу правните факултети на УКИМ и Универзитетот „Ла Сапиенца“ во Рим.