Наш, а светски: Прв „Piano summer festival“ во Охрид

Од 17 до 27 август во Охрид за прв пат ќе се одржи фестивал од светски рамки „PIANO SUMMER OHRID“, во организација на здружението КЛАВИРСКО ЛЕТО, оформено од страна на македонски и странски државјани меѓу кои и реномирани уметници, чија цел е да се оствари контакт меѓу врвните светски музичари и младите таленти кои ќе имаат можност да ги прошират своите уметнички видици а исто така со концертните настапи да се претстават во јавноста.

Во рамки на фестивалот ќе се организира и Меѓународна летна академија за пијано која ќе биде под водство на истакнатиот германски пијанист и професор Клаус Шилде, со долгогодишно искуство на музичките академии во Берлин, Детмолд, Токио, Вајмар, воедно и претседател на музичката академија во Минхен кој се вбројува меѓу најбитните претставници на германската клавирска традиција.

На академијата свое учество ќе земат веќе етаблирани имиња на пијано сцената како што се Димитриј Романов од Русија, Хјун Сон Текин од Јужна Кореја, Масако Сакаи и Мику Нишимото од Јапонија, Зоран Имшировиќ од Босна и други пијанисти како и млади таленти од земјите од регионот.

Меѓу учесниците на фестивалот има и професори од музички академии во Турција, Оман и Србија.

Покрај едукативните часови кои што ќе се одржуваат во просториите на музичкото училиште Методи Патче во Охрид, секој ден ќе бидат организирани и вечерни концерти, на кои ќе настапуваат учесниците на академијата. Концертите ќе се одржуваат во салата на општина Охрид и на отворено во дворот на Основното училиште „Свети Климент Охридски“. За свеченото отворање и затворање на фестивалот се предвидени гала концерти, кои ќе се одржат во црквата Света Софија.

Како посебна атракција за љубителите на музиката ќе биде пијано маратонот кој ќе се одржи на 24-ти на отворено, во центарот на Охрид, а на кој ќе настапуваат и специјални гости.

Исто така во состав на фестивалот ќе се одржат и две предавања на музичка тема, кои ќе ги водат пијанистите Тимеа Шари од Унгарија и Марија Динов од Србија.

„Учесниците на меѓународната летна академија и фестивалот „PIANO SUMMER OHRID“ со нетрпение го чекаат почетокот на фестивалот, како поради музичката дружба така и поради Македонија и самиот град Охрид, кој за нив претставува егзотична дестинација.

Со оглед дека „PIANO SUMMER OHRID“ се одржува за прв пат и е организиран во рекордно краток рок од само 2-3 месеци, неговата реализација не би била можна без несебичната помош и поддршка од страна на градот Охрид, Охридско лето, Концертниот сервис Акритериум и сите поединци кои ја препознаа вредноста на Фестивалот и на свој начин допринесоа во неговото реализирање“-велат организаторите.