Доделени CAF сертификати за обучувачи

Министерството за информатичко општество и администрација во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Европскиот институт за јавна администрација ја спроведе втората CAF обука за обучувачи за државни службеници. По тој повод, денес беа доделени сертификати на учесниците за успешно завршување на CAF обуката за обучувачи наменета за државни службеници од Република Македонија.

Потребата да се подобрат услугите што владините институции ги нудат со изградба на ефикасен, модерен и транспарентен граѓански сервис што ќе обезбеди висок квалитет на работа, претставува еден од главните приоритети на Владата на Република Македонија. Водено од овие предизвици, Министерството за информатичко општество и администрација го спроведува овој проект за воведување на еден од најзначајните стандарди за квалитет во работењето на јавната администрација – Заедничката рамка за проценка – CAF.

„Вашата поддршка за воведувањето на CAF моделот во државните институции, чија цел е постојано унапредување на работењето и процесите во организациите, подобрување на мотивираноста на вработените и следење на перформансите, ќе изврши големо и позитивно влијание врз целокупниот систем на јавна управа и ќе придонесе кон постигнувањето на модерна, ефикасна и професионална администрација во служба на граѓаните.“– се обрати државниот секретар во Министерството за информатичко општество и администрација, Јахи Јахија.

Министерството за информатичко општество и администрација ќе го води целиот процес, ќе ја подготви програмата за поддршка на институциите и ќе ги координира обучувачите.