Министерот Адеми присуствуваше на конференција посветена на екстерното оценување на студентите

Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, денеска присуствуваше на конференцијата „Екстерното тестирање на студентите: предизвиците и можностите”, организирана од невладината организација “Европски центар – CH7“. На конференцијата се дебатираше за можните начини како да се спроведе евалуација на стекнатото знаење на студентите. Адеми истакна дека екстерното тестирање на факултетите е само идеја која допрва треба да се разработи.

„Ваквите настани се она за што се залагаме – јавни дебати на кои сите засегнати страни ќе дадат предлози кои ќе помогнат да се најде најдобриот метод за спроведување на екстерната евалуација на знаењето на студентите, кое, како реформа во многу ќе го подобри квалитетот на високото образование во земјата“, рече Адеми.

Адеми додаде дека целта на екстерната евалуација е студентите да стекнуваат квалитетно и применливо знаење, а не диплома која нема да можат да ја искористат при вработување.

„Работодавачите ги ценат реалните компетенции и вештини на кандидатите за вработување и предност им даваат на луѓето кои по завршување на факултетот можат веднаш да им се посветат на работните задачи, а не на оние кои и покрај завршеното високо образование треба дополнително да ги обучуваат за да можат да почнат со работни активности. Со оваа реформа ќе го постигнеме токму тоа, создавање на квалитетни и подготвени кадри, конкурентни на пазарот на труд“, рече Адеми.

Со екстерна евалуација која ќе се спроведе и на државните и на приватните универзитети, ќе се добие унифицирано образование за сите студенти.