Промоција на традиционалните вредности на модерен начин

Денеска на Факултетот за туризам и угостителство , се одржа финалната презентација на проектот“ Младите како носители на културата, традицијата и знаењето во општина Охрид“, што го реализира Секторот за Туризам и локален економски развој при општина Охрид. Целта на презентацијата и на проектот беше да се укаже колку е битно младите да научат на модерен начин да ги промовираат охридските традиционалните вредности.

Во склоп на овој проект општина Охрид организираше три едукативни работилници во кои што таргет група беа младите. Притоа се одржаа работилници за обука за изработка на накит од бисер и филигран, потоа добро пакување на традиционална храна и подготовка и презентација на електронски брошури. Целта на овие работилници беше да се обучат младите на кој начин да ги промовираат традиционалните вредности на општина Охрид. Младите се учеа како на иновативен и трендовски начини да ја пакуваат традиционалната храна и пијалоците како и модерни начини за нивна маркетиншка промоција преку електронски брошури,“ истакна раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов, кој се надева дека на овој начин ќе биде поттикнат креативниот дух кај младите во однос на промовирање на традиционалните вредности и начинот на нивниот маркетиншки пристап во јавноста.

Проектот е финансиран од Министерството за култура на Република Македонија во рамки на програмата за креативни индустрии.