Меѓународен ден за согледување на опасноста од мини и дејствување против мините

На 8 декември 2005 година, Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 4 април како Меѓународен ден на согледување на опасноста од мини и дејствување против мините.

Со помош на Обединетите нации и релевантните организации, се повикуваат државите на континуирани напори, за да се поттикне воспоставување и развој на акции во земјите каде има мини и експлозивни остатоци од војна, кои претставуваат сериозна закана за безбедноста, здравјето и животите на цивилното население, или пречка за социјалниот и економскиот развој на национално и локално ниво.

Темата за 2015 година е: „Повеќе од мини“, а ги зема во предвид видовите на експлозивни закани со кои се соочуваат Обединетите нации и нејзините членки и го насочува вниманието на фактот дека отстранувањето на овие експлозивни опасности е само еден дел од акцијата на ОН против мините.

Нагазните мини не се единствените експлозивни опасности кои претставуваат опасност за цивилите кои живеат во конфликтни и пост-конфликтни средини; неексплодирани бомби, гранати, необезбедено оружје и муниција и импровизирани експлозивни направи, исто така може да убие, повреди и да го блокира пристапот до здравствена заштита, образование и развој. Во Авганистан, ваквите експлозивни опасности убиваат десет пати повеќе цивили отколку нагазните мини.