Владата со мерка за надминување на проблемот со пласманот на доматите

Доматите од втора класа кои не можат да бидат извезени во околните држави, ќе бидат предадени во преработувачките капацитети од конзервната индустрија, а субвенцијата за килограм ќе биде 6,5 денари.

Оваа мерка ја донесе Владата на седница, со цел да им излезе во пресрет на производителите на домати кои изминатите 10-тина дена имаа проблем со пласманот на овие производи.

„Доматите ќе бидат преработени во доматен сок. Цената на откупот на овие домати во конзервната индустрија е околу четири денари така што имајќи предвид дека тоа е многу ниска цена за да можат земјоделците да ги покријат производните трошоци, како Влада им излегуваме во пресрет“, изјави министерот за земјоделство Михаил Цветков денеска во Владата.

Проценките се дека од 500 до илјади тони би требало да бидат преработени во доматен сок и оти за тоа ќе бидат потрошени околу 80 илјади денари од Буџетот на Република Македонија.

Се работи за времена мерка која ќе важи до 15 јули.

Според министерот Цветков, досега извозот на македонскиот домат оди добро и овој месец се извезени околу 6,5 илјади тони домати.

„Причината што дојде до огромно производство на домати е тоа што оваа сезона доцни околу 15-тина дена поради временските неприлики кон крајот на зимата и во почетокот на пролетта. Од овие причини дојде во исто време да созреат и доматите во околните земји така што конкуренцијата е голема“, рече министерот Цветков.