Посета на францускиот пратеник Филип Дурон

Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Француската Република, со која претседаваше пратеникот Александар Николоски, оствари средба со  Филип Дурон, претседател на Групата за пријателство Франција – Македонија во Националното собрание на Франција.

На средбата беа присутни и членовите на Групата:  Даниела Рангелова,  Сузана Секуловска и Васил Пишев, како и амбасадорот на Француската Република во Република Македонија, Лоренс Оер.

Пратеникот Николоски, во своето поздравно обраќање, изрази задоволство од средбата со г. Дурон, пријател на Македонија, во овој доста значаен период за нас, земајќи го предвид фактот дека Франција е голем поддржувач на Македонија уште од нејзиното осамостојување.

Политичката соработка помеѓу двете земји ја карактеризираат одлични односи, преку поддршката што ја имаме од Франција во евроатлантската интеграција и другите меѓународни организации, како НАТО, ПС ОБСЕ и Советот на Европа.

Господин Дурон изрази задоволство што повторно е во Македонија и за можноста од низа остварени средби со претставници на политичкиот и економскиот свет, особено во оваа многу важна недела за дипломатијата, кога веќе беа постигнати договорот со Грција за надминување на финансиската криза и договорот со Иран, a во тек е процесот на преговори за надминување на политичката криза и излез од неа.

Дурон посочи дека е неопходно враќање на опозицијата во парламентот.

Беа споделни мислења и искуства во однос на моменталната политичка состојба во државата, отсуството на опозицијата од Парламентот, мигрантската криза и справувањето со неа, при што беше поздравен неодамна донесениот Закон за азил и привремена заштита.

Присутните изразија благодарност за придонесот на Франција за реформите во државната администрација, со цел да стане модерна, демократска и европски ориентирана.

Duron1slika