Премиерот Груевски побара датум за почеток на преговорите со ЕУ

Во име на сите граѓани на Република Македонија премиерот Никола Груевски побара седма препорака за почеток на преговори и датум за членство во Европската Унија. Во вечерашното обраќање по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба тој потенцираше дека тоа е цивилизациски, морално, рационално и оправдано.

„Како премиер на Република Македонија, во името на сите нас, во името на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците, во името на христијаните, муслиманите, евреите и атеистите, во име на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ, на ДУИ, на ДПА, на СПМ, ГРОМ, ДОМ, ДС и другите партии, во името на мажите и жените, во име на работниците, земјоделците, пензионерите, студентите, средношколците, учителите, лекарите, административците, бизнисмените, во име на сите граѓани на Република Македонија, барам седми позитивен извештај за напредок на Република Македонија, седма препорака за почеток на преговори за членство во Европската Унија и носење одлука за датум за почеток на преговори со Европската Унија. Тоа е цивилизациски, морално, рационално и оправдано“, истакна Груевски.

Нема човек во Република Македонија, рече тој, кој смета дека ова што го барам е погрешно или незаслужено.

„Многу работи имаме сработено, и тоа е заслуга и на Владата, и на Собранието, и на сите наши граѓани. И во политичкиот договор сите правиме максимум да се приближиме, и апелирам да се стават настрана стравовите, стереотипите и предрасудите со кои се соочуваме, да се врати минимум довербата, и така ќе постигнеме успех за државата. Дневната политика настрана. Интересот на државата на прво место“, истакна Груевски.

Премиерот смета дека нема поединец во нашата земја кој искрено во себе не верува дека сме достигнале стандарди, кои се доволни за да ги почнеме преговорите за членство, кои од своја страна пак ќе придонесат за уште поголема демократија, поразвиено македонско стопанство и повеќе можности и успеси.

„Затоа барам во името на сите граѓани, и на оние кои гласале за мене, и за оние кои не гласале и се против мојата политика, но знам дека стојат зад европската идеја во политиката, и за оние кои воопшто не гласале“, потенцираше тој.

Европа не може да оди напред ако не оди напред еден дел од неа, кој природно и припаѓа.

„Многу работи поминавме, проголтавме, попуштивме, отстапивме, истуркавме, сработивме, заслуживме, ама заслуживме да ја добиеме не само препораката, туку и да ги почнеме финалните преговори за членството во ЕУ, и да бидеме примени во НАТО“, рече Груевски.

За гласните најави за одземање на препораката, како што рече Груевски, се надева дека „тие што носат одлука за ова се свесни дека и тие ќе имаат свој дел од одговорноста ако после тоа работите тргнат во непосакуван правец“.

„Ние се однесуваме одговорно, и ќе продолжиме одговорно да се однесуваме и во иднина, но губење на препораката, иако според сите истражувања народот нема да го доживее како нешто трагично посебно поради одговорот дека и досега сме добивале шест препораки, но никогаш не сме почнале преговори и препораката е бесмисленост, ако нема почеток на преговори, но јас знам дека тоа не е така. Тоа е важно за нашата земја и нашиот народ не заслужил тоа да му се направи“, истакна премиерот.

Обвинувањата, посочи Груевски, потоа кој е виновен, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА или некој трет ќе бидат само почеток на нова неизвесност, во отсуство на еден сериозен кохезивен елемент.

„Обвинувањата потоа, дневно политички ќе бидат глупави и само ќе стимулираат омраза и гнев“, рече тој.

Државата, како што потенцира, ќе биде неправедно казнета, а овој народ тоа не го заслужува. – Ние ќе се бориме до крај за нашиот народ и за интересот на државата, рече премиерот во своето обраќање.

Тој потенцираше дека политичарите не смеат да дозволат да бидат дефокусирани од реалниот живот и проектите за кои се обврзале.

„Македонија не е и не смее да биде само Клубот на пратениците, туку и Куклиш, Шишево, Жировница, Новак, Количани, Волково, Стење, Дебарца, Кривогаштани, Љубин, Студеничани, Св.Петка, Сопиште, Могила, и стотиците други македонски села, десетиците градови и наслеени места. Македонија е секој хектар посеана земја, секој метар автопат, нов вагон, медицинскиот апарат“, истакна тој.

Македонија се двата милиони македонски граѓани на кои мора да се посветуваме како основен приоритет, а заради нашиот искрен мотив да помогнеме и да подобриме.

„Македонија не се министрите, лидерите на опозицијата, пратениците, туку е работникот во Џонсон Мети, Кемет Електроникс, Драксел Мајер, Кромберт и Шуберт, Маккарт, и другите странски фабрики, работникот во Везе шари и Јавор промет и другите македонски компании, земјоделцот кој ќе ги продава своите јаболка во Ејплленд или доматот во Агрокор, човекот во Полог кој може да зема лек од подвижна аптека која му доаѓа во населбата или селото“, рече тој.

Македонија, потенцираше Груевски, не е само политичката комуникација и дебата, и крупните поими што звучат погласно но се аморфни, туку Македонија многу повеќе е секој водовод, патче, заменет дотраен прозор, нова индустриска зона, машина во фабриката, повисоката пензија и плата, првата плата, новата плата, ослободувањето од придонеси, легализираниот трактор, откупениот двор, новиот двоспратен автобус, паркингот во градот или селото, и ние треба таму да ја трошиме нашата енергија и нашите ресурси доминанто.

Силната фокусираност на нашата евроатланстка агенда, ама од сите без подметнувања, и дословната имплементација на законските решенија кои ние ги донесовме, а кои беа одложувани 15 години, ќе обезбеди нови услови за раст. Прецизниот план на реформи, мерки и активности ќе донесе нови квалитет во нашите животи, на секој еден од нас. Достигнувањето на тие цели и стандарди ќе даде нова димензија, со свој труд и своја работа, кон свои цели, и кон влез во она што го сакаме и што е природно и цивилизациски наше.

Груевски својот говор го завши со цитат на гемиџијата Јордан Поп Јорданов-Орцето кој пред да загине подвлекол…„Јас не припаѓам на себе си, туку на делото, а целта и смислата на моето живеење беше да работам и да умрам за слободата на мојот народ, на мојата ценета и сакана Македонија“.