Лица без живеалиште добивале лични карти и биле во Избирачкиот список

„Веќе неколку недели интензивно работам на начинот на којшто се издавале лични карти од страна на Министерството за внатрешни работи. За да проверам како функционирал системот, побарав по случаен избор да се провери како им биле издадени лични карти на околу 20 лица. Станува збор за луѓе за кои во јавноста беа отворени сомнежи за нивнот живеалиште и како се нашле на Избирачкиот список.

Еве ги фрапантните податоци што ги потврдуваат сомнежите. Од вкупно 22-те лица за кои истраживме: едно лице воопшто не поседува лична карта. А на сите останати над 20 лица, од страна на служби во МВР им биле издадени лични карти иако немале документ каде живеат, односно немале решение за живеалиште“Ова денес на прес конференција го соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, истакнувајќи дека и покрај се сите проверувани имаат лични карти и постојат во Избирачкиот список остварувајќи го правото на глас.

Притоа министерот Спасовски нагласи дека во законски пропишаната процедура за добивање лична карта, решението за живеалиште е клучниот документ без којшто не смее да биде издадена лична карта, посочувајќи ја комплетната документација по однос на процедурата за издавање лична карта.

„Ниедно од 22-те лица нема ниту еден од овие документи! Нивните лични карти, со коишто имале право да гласаат, се издадени целосно незаконски. Да повторам, и овие лица без лична карта, и овие без решение за живеалиште, постојат во Избирачкиот список – сите се во Избирачкиот список“, истакна Спасовски, нагласувајќи дека сето ова потврдува оти се правени злоупотреби со лични карти и дека брутално се злоупотребени индентитети на граѓани, затоа што само институции на државата ги имаат личните податоци на граѓаните.

Министерот Спасовски најави дека сите овие докази како и доказите коишто се во фаза на прибирање и документирање ќе му бидат предадени на Специјалното јавно обвинителство.