Објектот куќа на Водно на проектантите Сергеј Никољски и Иван Мирковски од проектантската куќа Никољски/Смарт ливинг е најуспешно реализирано архитектонско дело во 2015 година.
Наградата, што ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија, ја врачи Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој е покровител на манифестацијата.
„Како Претседател на Република Македонија веќе седма година ја имам честа да бидам покровител на доделувањето на Големата годишна награда за архитектура. И секојпат сум охрабрен од изборот на комисијата, која се соочува со тешка задача – да го избере најдоброто меѓу најдобрите современи архитектонски постигнувања. Причината за тој физички процут на геометријата е во креативноста на македонските архитекти. Креативност што е втемелена врз вековното чувство за слобода на народот на Македонија, кој наместо да расте во просторна ширoчина, растел во духовна и креативна височина. Сведоштво за тоа ни даваат македонските неимари кои оставија не само физички белег на тој духовен раст, туку и завет да се надградува над нивните добро поставени темели. Затоа, македонската архитектура е дел од нашето културно наследство, национално богатство и идентитет кој треба да се негува и да се надградува”, рече претседателот Иванов на доделувањето на наградата, што се одржа во Музејот на Град Скопје.